06/03/2020
Со почетокот на новиот Милениум, во дамнешната 2001 година, започна да работи една, веќе култна пекара во населбата „Млечен“, или поточно во урбаната заедница „Владо Тасевски“. Пекарата за бурек и бели печива „Милениум“ речиси цели две децении успешно опстојува во овој бизнис нудејќи квалитетни и разновидни печива. За карпошани, но и пошироко, оваа пекара е позната по своите превскусни банички со месо, сирење, сирење- спанаќ, но и доста популарната баничка со стек и кашкавал. Пекарата во која во разговорна, но и буквална смисла на зборот „ се чекаат редици“ уште од изутрина е најпозната, можеби по своите популарни „стапчиња (соленки)“, кои како што ни рекоа вработените се трошат како „алва“.
Милениум е утринско свртилиште за појадок не само за жителите од „Млечен“, туку и за многубројни карпошани од другите соседни населби на Општина Карпош, бидејќи нуди и одлични буреци со сирење, месо, како и пица-бурек. Сепак, за повозрасните жители на Општината, најбарани „мајсторски“ продукти од оваа пекара се вртените пити со зелка и праз.
Благите кифли со крем, како и кифлите со вишна и јаболка ја надополнуваат големата понуда на „Милениум“ и даваат особен шмек. Исто така во Милениум се продаваат стандардно и кифли, лиснати со шунка и кашкавал, со зденка и маслинка и други. За посебни пригоди, како за слави, родендени, или други настани, од пекарата можете да нарачате и специјални нарачки од кифли, вртените пити, како и буреците.
Оваа пекара која се наоѓа на самиот агол од „Млечен“ и „гледа“ кон бул. Теодосиј Гологанов е изграден сопствен бренд за карпошани. Професионализмот во услугата од вработените, вкусните и богати бели печива и буреци, како и пристапноста на цените овозможуваат оваа пекара да егзистира две декади на истото место. Од пред неколку години внатрешниот ентериерен простор на „Милениум“ беше реновиран и доби модерен и урбан излгед.